Зборник за Кратово – мистичните пророштва на Дедо Зафир и уште многу податоци за Кратово и околината

 In Текстови

Македонската јавност е запознаена со пророштвата на стариот Дедо Зафир од Кратовското село Шопско Рударе, кој живеел во втората половина на 18 и првата половина на 20 век. Уредно собрани и запишани од Стевче Доневски од Кратово, дел од пророштвата на мистичниот старец од Кратовско за прв пат ќе бидат објавени во книгата „Зборник за Кратово – книга прва“. Стевче Доневски собрал и многу народни преданија, поговорки, легенди и приказни, но и уште пророштва од старци од Кратовско и регионот кои се запаметиле низ годините од повозрасните, а тој ги запаметил и запишал. Заедно работиме на неколку книги кои се во подготовка за објавување. Инспириран од древноста на регионот, прочитав и собрав многу стари книги, текстови, записи, весници и фотографии и со овој прв Зборник за Кратово на над 200 страници, повеќето од кои во автентичен фототипен вид од оригиналните први книги, овозможувам увид во ретките податоци за Кратово и околината од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Многу од пророштвата на дедо Зафир веќе се оствариле, за неговите јасновидски способности пишувал и белградскиот печат од СХС, а истите и се потврдени и во првиот научен труд за Коњух, објавен во 1952, во кој авторот потврдува дека „една црква е пронајдена од селаните, откако на еден старец од Шопско Рударе докажувал дека на сон му се јавува дека на Градиштето кај Коњух се наоѓа стара црква на Свети Јован „Отсечен“…

Дел од визиите на дедо Зафир:

Македонија ќе закаче реп.

Небо ќе се расцепе, бела жица ќе пројде.

Жега ќе дојде, три слн’ца ќе греат.

После жегата, ќе има дождови со години, да измијат земјата од нечистотијата, и целата вода ќе иде у едно место, дек е било море порано.

Д’новите ќе летат како саати, неделите како д’н, месеците како недела, годината како месец, народ ќе вика – понеделник, среда, недела замина и месец пројде и година замина.

Змијата ќе крене од Овче Поле.

Ѕвездено небо ќе се расцепе, сл’нце ќе бл’сне.

За вода народ ќе писка, а тамо дека има вода ќе има два бога.

Од небо ќе падне тој што ќе падне, вода ќе врие, многу малку ќе остане народ и како свитки ке пливат по вода. Тие шо ќе преживеат ќе бидат побожни луѓе и ќе живеат по доловите дека ќе има вода.

Небо ќе биде чисто, бела жица ќе пројде, стрели ќе идат надоле ама и стрели нагоре ќе идат.

Железни трнови по ридиштата ќе никнат, многу опасни.

Народ гологлав ќе оде, и мушко и женско со бледи лица.

Слнце ќе беснее, све ќе горе, две слнца ќе се јават.

Наш град ќе пропадне, толку слзи народ ќе исплака за народ и за градо, како една река од вода голема за да настрада Солун.

Брат сас брата ќе се кара за тамарл’ци.

Градиште е шупло како сирење, парите са до пут, не може народ да ги најде, а има толку пари да…

Црн плод црна болест ќе излече.

Бак’р за лек ќе се траже.

Овци, кози, волови на прсти да ги броеш у наше поле, гладно поле.

Од куќите гредите ќе се изгорат, брашно у торба ќе се продава.

За млад свет д’но ќе бид ноќ, ноќта ќе биде д’н, пара со фенер ќе се траже.

Фенер у куќа ќе бл’ска, за свеќа ќе треба да работеш ед’н д’н.

Народ ќе се поделе, едни за Слнце, едни за ѕвезди, едни за месечина, ќе се сретнат и намќорски нема да си викат ни добар ден, а у клупа заедно седеле, по свадби играле, задоени од една мајка.

Цоцев камен е шуплив откај реката и кога ќе се отвори, за Македонија ќе има доволно. Копачи нема да ја отворет, туку голема вода и ќе се открие што е оставил цар Македон.

Црквата Свети Јованска у Коњух ќе биде прочуена, а моето име вечно ќе се спомнува…

Зборник за Кратово – книга прва е прв зборник за Кратово од ваков вид кој е објавен во Република Македонија. Во оваа книга се собрани патеписи, песни, приказни, легенди и преданија, научни трудови, истражувања, делови од книги, пропагандни написи, исечоци од весници и фототипни страници од книги на бугарски и српски јазик во кои се споменуваат Кратово и неговата околина. Најголем дел од претставената литература ја имам пронајдено во дигитални збирки и библиотеки на интернет, достапни за широка употреба, а користам и дел од книгите и записите од семејната библиотека. Благодарам на моите драги пријатели Домагој Николиќ и Стевче Доневски кои ми овозможија од близу да се запознаам со мистичниот Кратовски регион. Во оваа книга се содржани записи од Павел Шатев, Ефрем Каранов, Стеван Симиќ, Јордан Иванов, Јован Цвијиќ и други автори. Зборник за Кратово – книга прва завршува со пророштвата на старците од Кратово, кои исто така за прв пат се појавуваат во јавноста како дел од печатено издание. Следните Зборници за Кратово веќе се во подготовка, содржат исечоци од книги на англиски, француски и руски јазик во кои се споменува овој регион, стари карти и мапи, спомени и сведоштва, фотографии и уште многу значајни информации за прекрасниот македонски град Кратово и неговата околина.

м-р Никола Ристевски

 

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text. captcha txt
0

Start typing and press Enter to search