За Овче Поле немало гладна година

 In Articles, Uncategorized, Текстови

За Овче Поле немало гладна година

Опширното и благодатно Овче Поле допира до десниот брег на Брегалница. Овче Поле некогаш беше житницата на североисточна Македонија. Раѓаше изобилно, и покрај неподносливите летни горештини и продолжителната суша, го даваше најубавото жито, познато во трговијата со името овчеполска црвенка и едра осатка. Овче Поле зафаќа пространство од околу 60 километри на должина, и скоро толку на ширина. На север се граничи со дел од сушевските височини. На југ се слива со Ежово поле, кое запира на десниот брег на Брегалница под Штип. Од запад над него висат богословските возвишенија (811 метри височина) со прочуените две села Горен и Долен Богословец, скриени таму негде во китните им врвови. А на исток полето се губи низ ридовите на Ранченци, кои се и крајниот западен дел на Осогово. Овче Поле е вистинска благодет за североисточна Македонија. Неговото плодородие е пословично и за него смело може да се каже дека нема гладна година. Целото поле е рамно како тепција. Почвата му е црна, силно напоена со сол. Летно време, кога земјата пука од неистрпливите горештини, солта излегува на површината на земјата во вид на бел прав. Во април и мај полето е полно со безброј стада. Има едно место Слан дол, чие име произлегло сигурно од „солен дол“, каде што почвата но и растителноста се многу солени. Кога едно време турците правеа курбани, пред да ги заколат овните ги праќале некое време на паша во Слан дол. И кога ги колеа после тоа, месото им беше жолто и неискажливо вкусно. Есента на Овче Поле почнува рано. Кон Петковден веќе таму е студено. Зимата е кратка, но тешка. Се образуваат страшни виулици и длабоки соспи ги затрупуваат патиштата. На Атанасовден веќе пролетта разѕвонува со своето ѕвонче, а една седмица потоа тревата е вретенила. Миндалите околу Кадрифаково и Богословец цветат, а по обилните пролетни дождови тука настанува летниот пекол. Само оние, кои биле на лето во Овче Поле, знаат што е тропска горештина. Тука скоро цело лето не паѓа ни капка дожд. Сонцето, тешко и топло, плива по едно чисто и длабоко небо и праќа огнени лачи над попуканата бела земја. По целата ширина на полето едвај се гледа по некое дрво. Тука – таму израснал по некој даб и брест и ништо друго. Но затоа во недоглед се лулаат житни ниви, на огромни правилни квадрати, кои што готват златна жетва и никој пат не се жедни за вода. Тука се раѓа прочуената овчеполска црвенка, чии што зрна се како дренки. Осатката дава леб кој има специфичен овчеполски аромат. Ржта голема за да сокрие и коњаник, а стеблата на јачменот се дебели како пилешки нозе. Многуте лозја на есен даваа грозје во изобилство, често пати оставено по лозјата оти нема доволно садови за да се прибере целото. Благодарение на ежегодишното изобилно плодородие на Овче Поле, во некогашниот Косовски вилает не се помнело да имало глад. Во штипскиот кајмакам не се знаеше некој да се хранил или преранувал со царевица. Селата јадеа леб од буквално чисто ржено брашно. И високите јуручки села во Плачковица не остануваа без леб. За жал, оние кои го познаваа Овче Поле пред пола век и кои што го видоа пролетта 1941 година, останаа зачудени и поразени. Таа природна житница на еден голем дел од Македонија, од Власи дојденци беше претворена во пасиште за нивните стада. Голем дел од полето пустееше и место жито раѓаше бурени и зурнек. Треба да се направи се што е можно за да се врати старото значење на Овче Поле.

според еден запис од 1943 година

(извадок од ИМАГИНАРИУМ – книга втора)

Никола Ристевски

www.nikolaristevski.com

дел од австриска воена мапа од 1910 година

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search