Туристичкиот потенцијал на Овчеполската Котлина

 In Текстови

Во последната деценија во Овчеполската Котлина се забележливи чести организирани еднодневни посети, самоорганизирани туристи во потрага по убавините на древното Овче Поле и различни посетители кои дознале за некои од локациите кои можат да се видат, или само поминуваат од тука, па застануваат да го разгледаат Овчеполието. Иако во официјалните понуди нема забележано многу локации коишто можат да се посетат, ниту пак Овче Поле е вклучено во големите понуди на туристичките оператори и во турите на водичите од околните општини, сепак, заинтересираните посетители пронаоѓаат начини за да се запознаат одблизу со традицијата, културата и убавината на овој регион. Во Општинската установа Народен Музеј Свети Николе нема вработено туристички водич, а во локалната самоуправа немаат информации за сегашната состојба на туристичкиот потенцијал, ниту пак по барањето ми доставија потребни информации кои можеа да бидат вклучени во овој магистерски труд. Организираните посети на Народниот музеј и археолошкиот локалитет кај селото Кнежје најчесто се од пензионерски друштва и училишта, кои го вклучуваат Свети Николе во своите еднодневни екскурзии. Зголемени посети се забележливи од посетителите на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе, најчесто на гости од Русија и регионот, кои освен знаменитостите во градот, организирано го посетуваат и археолошкиот локалитет во непосредна близина.

По успешното анимирање на јавноста и научници од повеќе дисциплини од различни земји, откако беа извршени првите архео-акустични истражувања во историјата на Република Македонија, на геоглифот во Овче Поле посетите се сè почести, за што сведочат и локалните жители. Кон крајот на втората деценија од 21 век, во оваа општина (која може да биде поврзана со прекрасни туристички рути со блиските и околните Штип, Велес, Куманово, Лозово, Пробиштип, Кратово, па дури и со останатите региони во Република Македонија) не само што нема официјални туристички водичи, туку недостига и понуда за туристички престој, угостителски објекти, сместувачки капацитети, туристичко биро/центар, како и стручни лица за менаџмент и маркетинг на оваа котлина како привлечна туристичка дестинација. Оскудните информации на интернет од официјалните институции не се пречка за заинтересираните да се информираат преку „алтернативни медиуми“ – интернет-страници, блогови, видеоканали, книги и весници за мистичната Овчеполска Котлина.

Добриот глас надалеку се слуша, а усната реклама (самиот збор реклама значи гласно соопштување) си ја врши својата работа, така што многуте посетители кои биле допрени од убавината на Овчеполието со задоволство го препорачуваат за посета на нивните блиски, роднини, пријатели, колеги и познаници. Побарувачката за сместување и недостигот на капацитети потврдуваат за зголемениот интерес на посетителите и туристите за Овче Поле. Афирмирањето, презентирањето и прикажувањето на природните убавини и културното наследство на овој крај преку најсовремениот медиум – интернетот,  ја пренесува автентичноста и богатата енергија која тлее во Овчеполската Котлина на информираните, образованите и искусните туристи. Светските трендови на пазарот на туризмот потврдуваат дека со примена на највисоките работни правила кои се претставени во најновите достигнувања на менаџментот и маркетингот, Овче Поле може да се претвори во природен, археолошки и културен резерват – вистинска туристичка дестинација на новиот век.

***

Овчеполската Котлина располага со потенцијал за следните видови туризам – селски, односно рурален туризам, рекреативен туризам, културен туризам, екотуризам, здравствен туризам, археолошки туризам, агротуризам, еколошки туризам, чијшто развој може да допринесе до иден издржлив туризам. Намалувањето на бројот на населението во последните децении, причинето поради сѐ почестите иселувања, допринесе да се испразнат селата, а и да се намалат условите за многубројни вработувања. Но, развојот на научните дисциплини маркетинг и менаџмент, покажуваат и докажуваат дека и во вакви региони може да се развие економијата, нормално доколку им се пристапи на начин кој е соодветен на векот во кој живееме. Археолошките локалитети, религиозните храмови, старите куќи, овчеполските чешми, природните реткости и прекрасните пејсажи, заедно со условите за органско земјоделие, зачувување на природната средина и развој на општеството како целина, се одличен почеток за нова ера во развојот на Овчеполската Котлина – во која ќе бидат поврзани најновите достигнувања на науката и културата на домашното население.

Овче Поле ги има сите потребни услови за развој на туризмот, а за истите да се стават во употреба, за почеток треба да се дефинираат потенцијалните туристички локации, кои ги нема во официјалните понуди и претставувања од институциите. За нивно употребување како туристички ресурс, истите прво треба да се стават во еден општ список, односно база со податоци, каде ќе бидат вклучени податоци за сите литературни извори, сведоштва и материјални факти и документи за истите. Откако ќе се направи увид на местата кои во нивната сегашна состојба можат да се вклучат во туристички рути – патеки, на областите каде има услови за обележување на планинарски патеки, дури и трасирање на велосипедски патеки и на сегментите од економијата на кои треба првично да им се обрне внимание, треба да се создаде туристичко биро или центар, преку коешто ќе се работи на идниот развој на туризмот во Овчеполската Котлина. Во нивната сегашна состојба, напуштени, разрушени и раселени, многу овчеполски села можат да бидат употребени како локации за изградба на самоиздржливи еколошки туристички капацитети, по урнек на традиционалната македонска архитектура од овие краишта. Затоа што природните ресурси – големите количества на жива вода под почвата, огромниот број на сончеви часови и силните ветрови кои дуваат од четири страни, заедно со плодородноста која ја има Овчеполската Котлина, ја прави регион кој може убаво да живее преку развој на екологијата, органското производство и туризмот.

***

Селските патишта кои водат до Овчеполските села се во лоша состојба, која сепак не претставува пречка за развој на алтернативен туризам, затоа што во сегашната состојба отсликуваат рурална слика која се вклопува во целиот потенцијал на Овче Поле. Иако во иднина можат и треба да бидат обновени, денешната состојба на истите е доволна за да се овозможи посета на некои од горенаведените локации. Изградбата на автопатот Штип – Миладиновци, кој поминува директно низ Овче Поле е совршена прилика за создавање на туристички центри и станици, преку кои минувачите ќе можат да се информираат за убавините на Овчеполието. Постоењето на само две возни линии на железницата и недостатокот на автобуска линија до Велес, можат да бидат надминати со организирани превози на потенцијалните туристи. Близината на главниот град Скопје и аеродромот Александар Велики, се дополнителна позитивна карактеристика на локацијата на Овчеполската Котлина и нејзиниот туристички потенцијал. Она што е олеснителна околност, е физичката близина на повеќе различни локалитети, како и можноста за создавање на туристички патеки не само во низинскиот, туку и во ридестиот дел на котлината. Предели со потенцијал за „off-road“ возење, најчесто по необележани траси, велосипедизам, мото – тури, но и со можности за кампување воопшто не недостигаат во големото и пространо Овчеполие. Селските и попатните чешми најчесто се со задоволителен квалитет, а поискусните патувачи и сами знаат да ја проценат состојбата на водата, во зависност од поставеноста на чешмата и временските услови. Разнообразноста на ридестите предели ги прави локации за различен вид на туризам, затоа што не само теренот, туку и флората и фауната се разликуваат околку неколкуте големи врвови во Овче Поле. Воздушната бања Ѓуриште е дестинација до која од подножјето, во пределот каде што се дели патот од Свети Николе (Горобински пат) на два патишта – до селото Горобинци и накај Ѓуриште, до врвот во близина на манастирот „Света Богородица“ може да се изгради жичара, со којашто не само како атракција, туку и како олеснителна околност за највозрасните и најмладите би се зголемило движењето на луѓе во овие предели. Санирање на постоечките и наместо нивно детално реновирање – делумна доизградба на нови локални патишта кои ќе поврзуваат населби и места во Овчеполието (со демографските промени се менува изгледот на теренот, односно бројот на населби), како и овозможување на автобуси за транспорт на локалните жители, но и на туристите се предизвик за иднината која доаѓа. Близината, но и достапноста на општините Кратово, Пробиштип, Куманово, Штип, Велес, ги прави Свети Николе и Лозово централен дел од Република Македонија кој би можел да прерасне во вистински туристички резерват, што би допринел не само за подобрување на туристичката понуда и работната состојба во регионот, туку и за подем на целата економија во државата.

***

На официјалните интернет-страници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Министерството за економија, Управата за заштита на културно наследство, Министерството за култура и Општина Свети Николе, освен неколкуте гореспоменати локации, не се забележуваат никакви споменувања на туристичкиот потенцијал на Овчеполската Котлина и нејзината централна населба – Свети Николе, ниту пак културните и туристичките ресурси на овој регион се вклучени во официјалните туристички водачи за локалитети, објекти и настани. Официјалното информирање од локалните институции е ограничено на информациите достапни на заинтересираните посетители на официјалната страница на археолошкиот локалитет Билазора. На интернет-страницата на локалната самоуправа, линкот „туризам“ е празен , а кратките описи на неколку постоечки локации со туристички потенцијал се далеку од официјално презентирање на истите. Интернет-страницата на општинската установа Народен музеј не работи, а Домот на културата нема официјална интернет-страница. Многу често при различни обраќања, говори, но и во повеќе стратегии и програми, се користат податоци за тоа како Овчеполието некогаш било езеро, кое настанало при повлекување на прастарото море, поради што сѐ уште регионот располага со многу соленчаци – предели со солена земја, што ги прават карактеристични овчеполските овци и јагниња и млекото и сирењето кое се добива од нив. Се споменуваат многу цркви, како и археолошки локалитети, но во практика и нема некои зебележителни напори за зачувување на истите, ниту пак за нивна употреба во туристички цели.

Истовремено, освен препораките за идни напори во стратегиите и другите документи, кои најчесто се однесуваат на овчеполските овци, изградбата на паркови со ветерници во Овчеполието, не се забележуваат никакви вклучувања на големата Овчеполска Котлина ниту како целина, ниту во поедини делови при изготвувањето на плановите, прогнозите и стратегиите за развој на двата региони во кои административно е поделено Овче Поле. Условите за пешачки патеки, велосипедизам, екотуризам и многуте други можности за полезни и пријатни активности, како и за посети на атрактивни туристички ресурси се неограничени, а големото Овчеполие со својата културна и природна одделеност како целина треба да биде вклучено во секоја поголема стратегија за иднината.

Во последните седум години, со постојано публикување на информации, податоци, факти, извадоци од книги, весници, книги во дигитална верзија, фотографии, видеа, и написи за културното наследство и природните ресурси на Овчеполската Котлина, успеав да овозможам при интернет пребарување на термините „овче поле“, „овчеполие“, „овчеполска котлина“, „свети николе“, веќе да се појавуваат и линкови со содржини кои се објавени со цел на проширување на достапноста на информациите за природните ресурси и културното наследство. Различните блогови, интернет-страници, но и медиуми каде што се преземени дел од написите или се вклучени изјави за различни места, го прават информирањето за Овчеполието полесно на секој кој располага со можности за пребарување на интернет. Овчеполската Котлина има потреба од одделен маркетинг-план и стратегија за идна работа на претставувањето и прикажувањето на културното наследство и природните ресурси. Користењето на модерните технологии, но и развојот на науката се неопходни за работа на поставување на основите на развојот на туризмот во Овчеполската Котлина.

***

            Идниот развој на Овчеполскиот регион зависи и од неговото одделување од вештачката административна поделба помеѓу Вардарскиот и Источниот регион, со цел зачувување на културната автохтоност и домородната култура, традиција, производи и поефикасно употребување на ресурсите со коишто располага плодородната Овчеполска Котлина. Природно, Овчеполието е границата помеѓу овие региони, за што потврдуваат и историските извори за старите патишта кои минувале оттука, дел од чии траси се забележливи дури и ден денес.

Ставањето во употреба на расположливите ресурси на Овчеполската Котлина, како засебен природен и културен регион, претставува обемна основа за работа на било каква организација, којашто за почеток наместо компанија би можела да функционира како локално биро/центар/канцеларија за управување со туристичката дестинација Овче Поле. Човечки ресурси за таков потфат со соодветно образование и работно искуство постојат, а создавањето на првична организација за поттикнување на развојот на туризмот во Овчеполието би придонело и за подобрување на потенцијалот на регионот, ставање во употреба на практики и техники за развој, подигање на свеста за екологијата, обновливите природни ресурси и културното наследство и поврзување на официјалните институции со приватниот сектор и жителите на населените места во Овче Поле. Можностите за обезбедување на туристичка издржливост, проширување на придобивките од туризмот и градење на силен Овчеполски бренд се достапни и кон крајот на втората деценија од 21 век треба да се стават во употреба за доброто на целото општество.

Изградбата на туристички капацитет, кој за почеток најдобро би било да претставува автентично Овчеполско село, со градби по урнек на традиционалната македонска архитектура од овие простори, но и употреба на полезните придобивки на новата технологија. Создавањето на туристичко место каде во секое време би можеле да се сместат и угостат стотина луѓе, кое би имало бунари со вода, сончеви колектори, ветерници, услови за раноградинарско производство и домашно сточарство, би можело да биде почеток на нова ера со управувањето на туристичките ресурси во Овчеполската Котлина, па и цела Република Македонија. За да се стигне до потребни средства за таков голем проект за денешницата, би можело да се пристапи и преку самоиздржлив модел, односно првично создавање на Овчеполски туристички центар / биро, со чија работа би се допринело за идно организирање на Овчеполски научен институт и Овчеполско еко и етно село. Постоечките ресурси коишто се на располагање, доколку разумно се стават во употреба, би можеле да допринесат за придвижување на посетите во котлината, но и мотивирање на населението и различните дејности за вклучување во издржливиот модел на иднината. Големиот број на градинарски, земјоделски, млечни и месни производи, заедно со споменатите споменици од културно значење и живите природни ресурси, го прават Овчеполието регион кој со новата технологија и знаење во догледно време би можел да прерасне во новата туристичка дестинација на иднината…

м-р Никола Ристевски

Делови од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, кој успешно го одбранив на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе во почетокот на октомври годинава.

Железничка станица „Овче Поле“ – фотографија од Дандан Дан

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search