Пропаганда (прв дел)

 In Текстови

Пропаганда

Пропагандата е проучувана од историјата, новинарството, политичката наука, социологијата и психологијата, но и преку интердисциплинарни методи. Историјата на пропагандата претставува проучување на практиките на истата и случувањата како возможни ефекти од пропагандата. Пропагандата е вид на комуникација која се стреми да предизвика одговор кој што го продолжува посакуваната намера на пропагандистот. Елементи на информациска и убедлива комуникација можат да се вклучат во пропадандната комуникација, која сепак претставува одделен вид на пренесување на пораки. Пропагандата може да го промени јавното мислење, а и промените во однесувањето можат да бидат повлијаени од пропагандата. За да се разбере поголем дел од нејзиниот историски обем, истата треба да се проучува преку мултидисциплинарен пристап.

 Пропаганда – почетоците

Користењето на пропагандата е интегрален дел од човечката историја и може да се проследи до пред нашата ера за да се погледне филозофското и теоретското потекло. Ефективно користена од Александар Македонски, Римјаните и првите Христијани, пропагандата станала неразделна од политичките конфликти. Појавата на пресата за печатење била искористена од Мартин Лутер за неговата борба против Католичката црква, која е прва која го искористила зборот пропаганда во широка употреба, а секој нов медиум на комуникација брзо бил усвојуван од пропагандистите, посебно за време на Американската и Француската револуција, за време на Наполеон но и векови подоцна.

Реторичкото минато на етиката на убедување може да се проследи уште од почетоците на проучувањето на реториката, чие што дефинирање во древните времиња е премногу слично со денешната теорија на убедување. Векови пред нашата ера луѓето имале право јавно да говорат за да го искажат своето мнение во врска со политички и правни општествени одлуки. Затоа што тоа било одговорност, не било лесно да се научат техниките на реториката. Уметноста на говорењето била проучувана како цел високообразовен систем, дури и како начин на живот. На Платон не му се допаѓало тоа што постоело некакво верување дека реториката е вистинскиот одраз на колективното мислење, а дури пишувал и за ниската свест на тогашното јавно мнение. Верувал дека владеењето треба да биде извршувано од филозофи – кралеви, а не од групи на луѓе кои што не ја поседуваат мудроста ниту пак древното знаење. Во неговите текстови ја критикувал студијата на реториката заради тоа што таа ги упатувала луѓето во погрешен правец, што го влошувало општеството на повеќе нивоа. Без личен увид и мудрост, личноста која учела реторика може да стане само лоша верзија на она што денес го нарекуваме „пропагандист“. Преку Сократ, Платон упатил многу прашања за манипулациите на реторичарите. Оставил записи во кои тврди дека доколку некој треба да се бави со реторика, мора да ги има научено правилата на древните принципи на филозофијата.

Аристотел ни оставил многу дела за природата на идеите и човекот. Во неговиот труд кој е поврзан со темата на овие страници – Реторика, го поставува концептот за кредибилноста како форма за доказ и вид на убедување. Други докази според Аристотел се емоционалната реакција и самиот говор со неговиот разум и логос. Во Етика ги опишува моралните и филозофските знаења кои говорникот треба да ги поседува.

Првите обиди за систематско проучување на влијанието на начинот на говор и пренесување на пораки врз јавното мнение се од времињата пред нашата ера. Освен примерите од нашата непосредна околина, користењето на определени начини на говот за да се пренесе убедлива порака можат да се забележат и во записите на Конфучиј, кој пишува дека користењето на добрата реторика, заедно со точно определени начини на говор и пишување можат да бидат искористени за луѓето да се убедат да живеат исполнети животи полни со значење. Модерните научници го истражуваат и користењето на древните техники на Платон, Аристотел и Конфучиј во модерните политички системи од втората половина на 20 и почетокот на 21 век.

Историјата на пропагандата нема јасна линеарна прогресија, туку важни точки во минатото кои можат да се искористат како „бенчмаркови“ за проучување на минатото на оваа уметност. Неколку векови пред времето на Александар Македонски се првите регистрирани обиди за употреба на техники од денешната пропаганда за убедување на тогашните народни маси. Воената историја и воената пропаганда покажуваат промени во пропагандата при промена на поредоците и начинот на управување со општеството, но и период кога војните биле водени „во име на Бога“ до периоди во кои се војувало „во името на Владетелот кој е Бог на земјата“. Дури и големите градби во Египет можат да бидат категоризирани во пропагандни активности – кои одекнуваат низ вековите до ден денес. Иако древните Шумер, Вавилон, Асирија, Египет и други цивилизации користеле техники на денешната пропаганда, истите најчесто биле без филозофски обем како тој на владетелите од нашите територии. Записите за Александар Македонски исто така се пропагандна активност. Тој бил еден од првите кој ја проучувал колективната свест, а големата свадба на неговите војници со персиските девојки е добра пропаганда за големата македонска империја од пред нашата ера. Култот на Александар е пример за пропаганда која претставува ехо од времињата кога светот, барем за кратко, бил обединет под поредок кој овозможувал еднаквост, мир и благосостојба на луѓето. Целата контрапропаганда за „војувањето“, „насилството“ и „лошиот Македонец“ е неуспешна заради филозофскиот аспект на сеќавањето на најголемиот цар на сите времиња, чие што царство е вечно посакувана цел на општеството. Затоа и сите владетели и големи луѓе за човештвото после него се угледувале на неговиот лик и дело, кој се изучува од повеќе научни гранки и во 21 век како пример за приближување на човекот кон совршенството.

Анализата на пропагандата секогаш треба да го вклучува историското истражување, проучувањето на пропагандните пораки и медиуми, чувствителноста на публиката и критичноста на целиот пропаганден процес. Сите кои ќе го набљудуваат само краткорочното влијание на пропагандата нема да бидат во можност да го спознаат нејзиното делување, затоа што тоа секогаш е долгорочно. Пропагандата е намерно и систематско оформување на перцепциите, манипулирање на когнитивноста и однесувањето за да се предизвика одговор кој е посакуван од намерата на пропагандистот.

Пропаганда според Бернејс

Свесното и инттелигентно манипулирање со организираните навики и мислења на масите е важен елемент во демократското општество. Оние кои го манипулираат невидливиот механизам на општеството се дел од невидлива влада која што е вистинската владејачка сила на нашата земја. Ние сме владеени, нашите умови се моделирани, вкусовите оформени, идеите предложени, најчесто од луѓе за кои никогаш не сме слушнале. Свесен сум дека зборот пропаганда кај многумина предизвикува непријатна конотација. Дали пропагандата е добра или лоша зависи од меритот на причината која ја предизвикала и од коректноста на објавената информација. Сам по себе, зборот пропаганда има одредени технички значења, кои како и повеќето нешта во светот „не се ниту добри ниту лоши, тоа е определено од начинот на нивната употреба“. Во стандардниот речник го пронајдов овој збор дефиниран на четири начини:

  • Друштво на кардинали, набљудувачи на странски мисии; Колеџот за Пропаганда, создаден од Папата Урбан 8 во 1627 година за образование на мисионерите – свештеници, Sacra Congregatio de Propaganda Fide

  • Секоја институција или шема која пропагира доктрина или систем

  • Напор системски усмерен кон добивање на јавна поддршка за мислење или насочување на планирано делување

  • Принципи кои станале напредни преку пропаганда.

Списанието Scientific American во скорашно издание, се заложува за враќање на почитуваното користење на тој „убав стар збор – пропаганда“. Промената во контекстот на употреба на овој збор во главно стана за време на последната војна кога употребата на овој поим доби злобна тенденција.

Доколку погледнете во Standard Dictionary, ќе забележите дека зборот пропаганда бил употребен за конгрегација или општество – друштво на кардинали кои требало да се грижат за странските мисии и да ги набљудуваат, кое било создадено во Рим во 1627 година. Исто така, Пропаганда се употребува за Колеџот за Пропаганда во Рим, создаден од папата Урбан 8, за едукација на мисионерски свештеници. Во подознежните години зборот пропагандап очна да се употребува за секоја институција или шема која пропагира доктрина или систем.

Судејќи по оваа дефиниција, можеме да видиме дека во нејзиниот вистински смисол, пропагандата е совршено легитимна форма на човечкото општество. Секое општество, било да е социјално, религиозно или политичко, кое има определени верувања и се труди истите да бидат дознаени и од останатите, било преку говор или на пишан начин, практикува пропаганда.

Вистината е моќна и мора да преовладее, и ако еден дел од луѓето веруваат дека откриле вредна вистина, тоа не е нивна привилегија туку должност за да ја споделат таа вистина. Доколку разберат, а мораат да разберат, дека споделувањето на вистината може да се оствари на планетарно ниво на ефективен начин само преку организирани здружени сили, со што печатот би се искористил како медиум за платформа за добро на целото човештво. Пропагандата станува злобна и репресивна само тогаш кога нејзините автори свесно и намерно ја одделуваат вистината од лагата и намерно споделуваат лажни информации, преку кои целат кон крајни ефекти за кои однапред се знае дека се штетни за општото добро.

Пропаганда“ е совршено цел збор со чесно потекло и завидна историја. Фактот дека ден денес носи злобно значење јасно ја покажува свеста на човештвото, нивото на знаење и колку од детето останува во просечниот возрасен човек. Група граѓани кои пишуваат и зборуваат во полза на одредена идеја, правец или акција, поставуваат легитимни прашања, верувајќи дека таа промоција е за најдобриот интерес на општеството. Пропаганда? Не. Само уште една насилно искажување на вистината. Но, кога група граѓани кои претставуваат спротивставени погледи на нештата, различни од општоприфатените, веднаш од „останатите“ се дефинираат како „тие кои шират злобна пропаганда“. Размерите до кои пропагандата ги обликува односите и напредокот во општеството ќе ги изненади дури и најинформираните. Доволно е само да се погледне под површината на обичните весници за да се насети авторитетот на пропагандата врз јавното мнение…

Edward Bernays – Propaganda

Едвард Бернејс

Кој бил Едвард Бернејс?

Едвард Бернејс (22 ноември 1891 – 9 март 1995) е еден од пионерската генерација на Американски публицисти, човекот за кој се смета дека бил прв кој ја развил идејата за професионални односи со јавноста, голем истражувач кој успеал да ги употреби општествените науки за да мотивира, оформи мислење или предизвика одговор кај определена публика. Првиот кој ги поврзал емоциите со продажбите. Уште на најрана возраст, кога имал само една година, неговите родители се преселиле од Австрија во Њу Јорк. Во тоа време, неговиот вујко и чичко истовремено, големиот Сигмунд Фројд само што ја започнувал својата психоаналитичка работа. Бернејс матурирал на 16 годишна возраст, а потоа студирал на Универзитетот Корнел, каде што дипломирал на земјоделски науки во 1912. По кратка работа на пазарот на жито, започнал да уредува медицинско списание. Една драма во која во театарот се потенцирале популарни табуа, му го привлекла вниманиетo и по успешната соработка за нејзина презентација, го започнал патот по кој се движел до крајот на својот живот. На млади години работел за Вудро Вилсон, како дел од групите за истражување на јавното мислење кои ја оформиле реченицата “Making the world safe for democracy“, која ја пуштила во оптек идејата за Американците да се вклучат во првата светска војна. Истата работа ја „продала“ агендата на Вилсон за Лигата на Нациите. По војната, Бернејс отпатувал во Париз како придружба на Вилсон и бил изненаден од приемот и гужвата на улиците на „градот на светлината“. Тоа кое што го воодушевило, било што далеку преку океанот, во земја со различна култура и јазик од неговиот, огромни маси народ ја извикувале неговата реченица “Making the world safe for democracy.” Тоа го инспирирало на патот по кој станал една од најмоќните икони во историјата на маркетингот и целото општество. Разбрал дека зборовите имаат моќ, но и дека идеите содржат скриена сила за убедување на голем број луѓе, моќ да се комуницира со публиката на сосема ново ниво.

Во истиот период, Американската индустрија од воена се трансформирала во производителна сила за големото потрошувачко општество, но не умеела како да ги продаде продуктите за широка потрошувачка во поголеми количини од тие пред војната. До тогаш, рекламирањето било едноставно и директно, преку информирање за основните карактеристики на продуктот, што се сметало за доволно. Но, за тоа таму бил Едвард Бернејс. Преку зборовите го научил начинот со кој широките маси можат да се предизвикаат да купуваат. Откако вујко му Фројд му го испратил ракописот од уште необјавената “A General Introduction to Psychoanalysis”. Не само што ја разбрал и му се допаднала, Бернејс овозможил книгата да биде издадена и во САД. Разликата помеѓу вујкото и внукот е во начинот на набљудување на поведението на луѓето. Она што за Зигмунд било претерано и со потреба за скротување преку основните импулси, за Едвард било одлична можност за работа. Преку основните човечки реакции откако ќе примат информација преку сетилата го пронашол начинот преку кој Американската индустрија ќе се поврзе со нивните таргетирани клиенти на начин кој не бил виден никогаш до тогаш.

По првата светска војна, заедно со неговата идна жена, која и како него доживеала длабока старост, ја отвориле нивната прва канцеларија за односи со јавноста. Едни од првите клиенти им биле државните воени оддели, кои што сакале да ги убедат компаниите да вработуваат ветерани од војната. На почетокот соработувале и со владата на Литванија, која имала потреба од лобирање за официјално признавање од САД. За еден друг клиент – Venida hairnets, Бернејс го публикувал значењето на опасноста од носење на пуштени долги коси на жените кои работат во фабрики и ресторани. Како резултат на неговата работа, веднаш потоа неколку држави од САД донеле закони во кои работниците во фабриките и услугата со храна треба да носат мрежи за коса. Ги организирал првите натпревари по изработка на сапун за неговиот клиент Procter & Gamble. Работата на Бернејс на тогаш новото поле на односи со јавноста овозможиле создавање на она што денес го знаеме како потрошувачко општество. Успеал да предизвика и продажба на првите списанија за жени, и тоа на многу едноставен начин. За неговите услуги компаниите за тутун платиле многу пари, а за возврат тој успеал да им го отвори пазарот на жените пушачи, всушност тоа било првата PR кампања воопшто, која поттикнувала пушење на цигари од жените како знак на нивната слобода. Факелите на слободата или „Torches of Liberty”. Растечкиот пазар, зголемениот број на продукти за широка употреба и нивни потрошувачи го предизвикало создавањето на берзата и акциите. Бернејс бил тој кој го определил начинот за убедување на Американците дека акциите биле најдобриот начин преку кој и обичниот човек „може да има дел од големиот колач“. Неговиот талент, животно и работно искуство и работата на вујко му, му овозможиле да разбере дека во луѓето постојат скриени емоции, кои ако може само да се допрат, на човекот може да му се продаде било што. Со негова помош во 1920 се одржала првата голема конференција на афро американците во САД и нивната Асоцијација за напредок, во време кога сеуште расната нетрпеливост била присутна во општеството во голема мера. Можеби и заради него јајцата и сланината сеуште се сметаат како традиционален појадок во некои земји. Откако собрал научници за да направат истражување кое ќе пропагира „hearty breakfast”, на чија листа на здрави комбинации од храна биле вклучени и јајцата и сланината, Бернејс ги испратил резултатите на илјадници доктори во САД, што предизвикало раст на продажбата на сланината. Едвард Бернејс го овозможил растот и на пазарот на американската свила. Текстилните компании од Америка не можеле да се натпреваруваат со тие од Франција. Затоа, Бернејс вработил француски експерт кој дошол во САД за да го определи квалитетот на американската свила. Организирал и изложба на парчиња од американска свила во Лувр, Париз. За кратко продажбите на свила пораснале како никогаш до тогаш, за што повторно бил заслужен Бернејс и неговиот тим.

Во 1929 година бил задолжен за да ја организира прославата „Златен Јубилеј на Светлината“ – “Light’s Golden Jubilee“ за General Electric, по повод 50 годишнината од изумот на светилката од Томас Алва Едисон. GE го најмиле на пролет и му дале околу пола година да го подготви настанот. Започнал со публикации во печатот, се објавувале биографии на Едисон, а U.S. Post Office издале и поштенска марка Едисон. Многу големи градови ширум светот се согласиле да ја исклучат струјата за една минута на 21 октомври, во чест на Томас Едисон. Хенри Форд, Џон Рокфелер, Марија Кири, претседателот Хувер и други луѓе од слична провиниенција биле присутни на главниот настан. Во истата седмица кога се одржал големиот настан организиран од Едвард Бернејс, човекот кој ги убедил Американците дека берзата е нивното „елдорадо“, пазарот со акции почнал да се распаѓа и започнала големата економска криза.

Неговата научна и практична работа продолжила и во деценијата потоа, а книги од Бернејс биле издадени и за време на втората светска војна. По големата војна, забележано е дека работел и за ЦИА, а неговото учество во превратот во Гватемала, поврзан со трговијата со овошје е основа за денешниот термин „банана република“. Ги има поставено основите на анти-комунистичката пропаганда во САД. Во неколку интервјуа сведочи дека бил известен кога во библиотеката на Јозеф Гебелс биле пронајдени негови книги и посебна копија на “Crystallizing Public Opinion”. Во издание на New York Times од 1985 година читаме дека и на 93 години работел за неговите клиенти. Во интервју од 1991, непосредно по неговиот 100ти роденден изјавил дека односите со јавност станале ужасни и сега веќе секој можел да се нарекува експерт за било што без да ги познава старите правила. И тогаш рекол дека сеуште работи на неговата наука и со старите клиенти. Доживеал длабока старост и во втората половина на 20 век работел на консултација на различни компании и политички структури.

Се запишал во историјата како креатор на многу рекламни кампањи, воени пропаганди, но и како првиот професор по Односи со јавноста, со неговите лекции на Универзитетот во Њу Јорк во 1923 година. Ги искористил техниките за спознавање на човечкиот ум преку несвесното, откриени од неговиот роднина Фројд и го аплицирал знаењето на пазарот. И во неговата книга, а и во годините по објавувањето на „Пропаганда“ се забележува дека влијанието на јавното мислење, како и самиот симболизам, може да има добри или лошо карактеристики, односно да го насочува општеството кон создавање или уништување. Неговиот научен труд од 1947 и истоимена книга од 1955 The Engineering of Consent” или Инжинеринг на Согласност, и денес може да биде употребена во проучувањето на односите со јавноста и употребата на психоаналитичките ефекти на Фројд на пазарот преку маркетингот и економската, односно маркетинг пропагандата.

Од раната младост до длабоката старост Бернејс работел на убедување на големи маси луѓе преку симболи, а денес се смета за таткото на односите со јавноста. Од краткиот осврт на неговата работа можеме да забележиме дека слободно може да се каже дека Едвард Бернејс ги има изртено никулците на модерното потрошувачко општество. Највлијателните дела на Едвард Бернејс се Crystallizing Public Opinion (1923), Propaganda (1928), и Public Relations (1952). Бил уредник и на The Engineering of Consent (1955), чиј наслов е најчесто користената дефиниција за односите со јавноста – public relations. Доживеал 103 години, две ќерки, шест внуци и четири правнуци. Автор на многу дела, чие проучување е вистинско задоволство, а голем дел од неговите записи се достапни во „виртуелната банана република“ – интернетот.

Пропагандата и нејзините други имиња

Ретки се оние кои можат да го забележат превезот врз конотацијата поврзана со терминот „агитација“, користен во Русија, што всушност е синоним за пропаганда. Уште во 1902 во Русија ја определиле како „причинска употреба на историски и научни аргументи за да се индоктринираат образованите и просветлените“ – внимателната и информирана публика. Агитацијата, како и пропагандата, вклучува употреба на слогани, параболи и полувистини за да се експлоатира умот на широките народни маси. Кога овие активности започнале да се користат во политички цели, се појавил терминот агитпроп. Работата на Бернејс била инспирација и за Јозеф Гебелс и работата на Reichsministerium für Volksaufklärung und Propaganda – Министерството за пропаганда. Како што видовме во извадокот од книгата „Пропаганда“ на Едвард Бернејс, Пропагандата како термин била употребувана уште пред векови за пропагирање на католичката вера, а и денес сведочиме дека сеуште за многумина зборот пропаганда е потсетување на двете светски војни и лажните ветувања на илјадници политичари ширум светот. Кај повеќе луѓе од земјите во кои се говорат латински јазици, пропагандата често е синоним за лажно и измамничко рекламирање, а propagande commerciale е синоним за комерцијално рекламирање. Како што државите, политичките структури, меѓународните организации и центрите за истражување на јавното мнение практикуваат пропаганда, така тоа го прават и големите компании. Скоро и да нема значајна светска компанија која нема свој тим на истражувачи кои не само што прибираат информации за нивото на јавното мислење, туку и пуштаат во оптек пропагандни пораки кои влијаат на односот помеѓу потрошувачите и компанијата, а многу често и на зголемување на продажбите и профитот. Обичните фрази, изрази, слики и звуци не се доволни за потенцијалниот клиент да стане ваш потрошувач, доколку не се допрат неговите емоции. А тоа се прави само преку добро смислени и склопени рекламни пораки кои влијаат на центрите во мозокот кои предизвикуваат одредени потреби кај човекот.

Термини кои се користат во повеќе јазици во втората половина на минатиот и во овој век, а се поврзани со пропагандата се „спин“ и „менаџмент на вести“ – се однесуваат на координирана стратегија за минимизирање на негативата од информациите и презентација на истите во „приемчиво“ светло, преку приказна која што би требало да го зголеми ефектот на спинот – лошата пропаганда. „Спин“ се користи најчесто за манипулација со политичка и технолошка информација, заради кое што секретарите и одговорните за односи со јавноста многу често се споменуваат како „спин доктори“, особено кога „се обидуваат да ги исперат вестите“. Освен асоцијацијата со неетичка, штетна и нечесна тактика, пропагандата е употребувана и за организирано убедување на широки народни маси. Убедувањето се разликува од пропагандата, но кога станува збор за реторика со сомнителна намера, се спојува со лошата пропаганда. Пропагандата ја претставува работата на големи организации на групи кои се стремат да се здобијат со јавна доверба преку масовна оркестрација на привлечни заклучоци спакувани за да ги скријат нивните недостатоци и намери за убедување. Постои и субпропаганда и контрапропаганда, кои најчесто се користат во субверзивни цели, користејќи различни стимули за да се привлече вниманието на масите, по што комуникацијата се одржува со информирање „под превезот“ или во спротивен правец она што треба да се демистифицира или негира. Пропагандата е нераскинлив дел и од психолошката војна, а воената употреба се забележува уште од најстарите времиња па се до првата светска војна од минатиот век, кога започнува периодот на масовно користење на пропагандата. Болшевиците го имале Ајнштајн, кој ја опишал и демонстрирал употребата на пропагандата во филмовите, а Нацистите ја имале Mein Kampf на Хитлер и дневниците на Гебелс како водичи за пропагандата. По втората светска војна се забележува масовната употреба на пропагандни средства за придобивање на јавното мнение кога треба да се случи или се случува некоја војна. Со појавата на модерните технологии, пропагандата во сите нејзини облици стана нераскинлив дел од човечкото општество. Од воени, преку политички, хуманитарни, економски, и уште какви ли не цели, до социјален инженеринг – пропагандата сеуште го обликува јавното мнение, буди емоции и предизвикува реакции кај широките народни маси. Денес, интернетот, медиумите, образованието, уметноста, и други општествени елементи се користат како канали за различни видови на пропаганда, проучување и оформување на јавното мислење.

дел од поглавјето „Пропаганда“ од Имагинариум – книга трета

Никола Ристевски
лето 2017
www.nikolaristevski.com

 

Recommended Posts
Comments
    pingbacks / trackbacks

    Leave a Comment

    Contact

    We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

    Not readable? Change text.

    Start typing and press Enter to search