Како на небото, така и на земјата – за Сонцето

 In Текстови

Митот претставува сложена културна реалност, на која што може да и се пријде за да се толкува само преку повеќе гледишта, кои взаемно се надополнуваат. Митот е стабилно зачуван во народното сознание, поддржано од домашните и религиозните обреди, од усното творештво и фолклорот. Поврзаноста на митот со религијата, митологијата и херојството играле одредена улога и во надградувањето на народната психа. Митовите не зборуваат само за потеклото на светот, на животните, на растенијата и човекот, туку и за сите првични настани заради кои човекот станал тоа што е денес. Митовите одговараат на прашањата кои од секогаш биле присутни во човечката свест, но содржат и наравоученија кои можат да бидат применети за помирно секојдневие и стабилна иднина. Митологијата е културата која го ослободува човештвото од стегите на непознатото и го водела кон развојот, што е покажано преку зачуваните сеќавања, пренесувани усно од колено на колено, кои во многу нешта се еднакви на територијата од Македонија до Русија. Според многу истражувачи на народната митологија, преку реконструкција на одделни системи на митологијата и религијата и врз основа на постоечките податоци во стручната литература, но и преку материјали од многуте емпириски истражувања, може да се забележи дека во митологијата на Славјанскиот народ се присутни многу преплетувања и уште повеќе еднаквости, а во ред системи таа е дури идентична, иако присутна во различни денешни земји.

Скромните историски извори ја потврдуваат идејата за еден бог во таканаречените пагански, односно стари словенски верувања, во лицето на богот на светлото небо. Верата во еден бог постоела уште од времето на најнискиот степен на развој на културата. Старите народи верувале дека на небото постои еден бог, кој им наредувал на другите суштества и божества. Врховниот бог на Славјаните е богот на светлото небо. Единствениот бог на небото се грижел само за небесните работи, а другите должности биле соодветни распоредени на останатите божества, кои што потекнувале од него. За тоа сведочат повеќе примери од славјанскиот фолклор, меѓу кои е и македонскиот. Според многу народни верувања, Господ ја напуштил земјата кога луѓето почнале да грешат и да го пцујат. Византискиот историчар Прокопиј забележал дека Словените признавале еден бог, кој е владетел на громовите и господар на се, и дека само нему му се принесувале животински жртви. Култот на богот на небото се испреплетува со култот на богот на сонцето. Односот на култот на Словените кон сонцето се карактеризирал со покорна почит, но истовремено и со голема љубов. Односот на луѓето кон огнот бил сличен на оној кон сонцето.

Проучувањето на славјанската митологија го поставува прашањето и на дуализмот и на улогата која ја имал во верувањата, а се состоел во борбата помеѓу богот или боговите на доброто со боговите на злото. И кај нас, во Мариово сеуште во народните преданија се споменува постоењето на двајца богови – едниот бил Дажбог, а другиот Злибог. Соодветно – Белбог и Црнбог. Дуализмот се забележува и во учењето на Богомилите во Македонија, според кои во почетокот била мртвата точка, а првичност биле само силата на создавањето и силата на разрушувањето.

Многу од карактеристиките на старите божества, низ вековите се пренеле и на некои од светците во денешната христијанска религија. Најдобар пример за тоа е Перун, богот на громот и молњата. Неговите карактеристики се забележуваат кај Свети Илија, за што потврдува и почитувањето на празникот на Свети Илија кај сите денешни Славјански народи.

Во старата словенска религија, сонцето стоело во средиштето на верувањата и на врвот на славјанската стара вера. За тоа зборуваат повеќе извори од последните векови. Нашиот македонски народ, како и другите славјански народи, кон сонцето чувствувал силни позитивни чувства, што е сосема разбирливо, затоа што сонцето е најважно небесно тело и најзначајна појава во природата. Затоа и во народниот говор и народното творештво сеуште се зборува за „јасно сонце“, „златно сонце“ и сл. За сонцето се до наше време се чуваат живи спомени во многубројни песни и преданија преку кои може да се откријат траги од стариот култ кон сонцето. Култот на сонцето е поврзан со култот кон огнот, а дури и во денешно време постојат верувања според кои сонцето е голем пламен од оган на небото. Огнот е еден од симболите на сонцето. Палењето на огнови во некои празнични денови е симболично претставување на сонцето. Како симбол на сонцето се јавува и кругот, но и венците кои се плетат од цвеќиња. Народот од секогаш бил свесен за големото значење на сонцето и неговата животворна сила која им помага на растенијата и животните. Почитта која му се изразува на сонцето доаѓа до израз за време на изгрејсонце, кога кај некои словенски народи се поздравувало со повторување од три пати на „Добро дојде, добро дојде, божествена светлино, која целиот свет го осветлуваш и мене грешниот човек“. Симнувањето на капата и поздравувањето на изгрејсонцето се забележуваат кај сите словенски народи. Кога сонцето изгрева не треба да се фрла ѓубре кон неговата страна, не треба да се врши мала нужда или да се стои со грбот свртен кон сонцето. По заоѓањето на сонцето не се чисти, не се позајмува брашно, сол, киселина и слично, не се фрла вода, итн.

Во некои делови од Македонија, на Иванден луѓето стануваат пред изгрејсонце за да си го видат својот лик. Според многу верувања, сонцето е лице на Господ. Забраната на покажување со прст кон сонцето се објаснува од стравот да не дојде до вадење на неговото око.  Од таму доаѓа и верувањето дека сонцето е божјо око. Кога тоа свети, значи дека Господ гледа од небото, така верува нашиот народ. Сонцето сега има едно око, затоа што другите му ги испила некоја змија. Во светогледот на славјанските народи, сончената светлина е симбол на оплодувачката моќ на сонцето, така што тоа е способно да оплоди девојка дури ако таа само погледне во него. Затоа им се забранувало на девојките кои достигнале полова зрелост да гледаат кон сонцето. Народот верува дека дури сонцето има и чувства, дека знае да тагува, да биде лошо и да се радува. Едно од најпознатите верувања е дека сонцето во некои свечени денови од годината, особено на деновите кога се празнува Свети Јован и на Велигден, на изгрејсонце игра, танцува, скока, се поклонува, радува… Да се види како сонцето игра било привилегија само на среќните и праведните луѓе, а грешните тоа не можеле да ги видат. Затоа кај славјанските народи се верува дека оние кои барем еднаш ќе го видат танцот на сонцето, ќе бидат среќни цел живот.

Македонскиот народ верува дека Сонцето е симбол на чистота, убавина и добрина. Затоа и за убаво дете сеуште се вели дека е „лично, убаво, грее како С’нце“, „лично како Сонце“, „ко Слнце добро, ко мајка топло“. Во поодделни делови од Македонија името на Сонцето се изговара на различни начини – Сонце, С’нце, Сл’нце, Сонѕе. Народот сеуште ги памети преданијата според кои „некоја змија го каснала Сонцето и затоа тоа сега имало едно око“. Старите во некои села сеуште го прогнозираат времето за утрешниот ден преку изгледот на Сонцето во моментите на изгревање и заоѓање. За целото негово движење и придружните ефекти, народот си изградил свои верувања и толкувања. Сонцето е животворната сила која била почитувана уште од најдамнешни времиња до ден денес.

Користени извори:

Танас Вражиновски – Македонска народна митологија

Ѓоре Ценев – Небото над Македонија

Никола Ристевски – Имагинариум

Никола Ристевски – Прилог за митологијата на Сонцето

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search