Поп Александар поп Петров – Попов (поп Санде од Свети Николе)

 In Текстови

Во третиот дел од едицијата ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ ќе можете да прочитате фототипна монографија на поп Александар поп Петров – Попов, кај ретки од повозрасните запаметен како „поп Санде од Свети Николе“. За неговото убиство пронајдов напис и во тогашниот белградски весник „Политика“…

Поп Александар е погребан со сите почести позади олтарот на црквата „Свети Никола“ во истоименото градче, а по неговото убиство српската власт ја затворила книготеката на син му Андон. Помалиот син Страхил загинал заедно со другар му Наце како млад комита во близина на Ѓуришкиот манастир во 1923 година.

Дел од текстот „Монографија за поп Александар поп Петров – Попов (1870 – 1928)“:

На 18 март 1928 година поп Александар бил повикан во селото Кнежје, на околу 3 километри од Свети Николе за да изврши обред – крштевање на новородено дете. Тој се подготвил, јавнал на коњот (кобилата) за да го изврши крштевањето. Но кобилата како нешто да претчувствувала и давала отпор, несакајќи да појде. После неколку враќања и правења на кругови, поп Санде успеал да тргне кон Кнежје.

На крштевката биле повикани многу гости, меѓу кои и учителката дојдена од Ресен, со место и раѓање непознато на многумина. Церемонијата започнала по сите верски и црковни обичаи. Кога поп Александар го запрашал кумот какво име ќе му даде на детето, кумот одговорил Детето ќе се вика Александар. Попот не го криел своето задоволство од даденото име на детето и со цел глас и израз на одушевување и задоволство рекол Алал ти вера бре куме, даде право наше македонско име. Зборот на кумот во тоа време многу се почитувал.

Кога завршила церемонијата околу крштевањето, гостите седнале да ручаат. Меѓу поп Александар и учителката Роксандра настанала препирка. Учителката доследна на своите задолженија го запрашала попот за каква Македонија станува збор, кога тука било Јужна Србија. Поп Александар одговорил Детето ќе го носи името на Александар МакедонскиУчителката не престанувала да го провоцира и да му поставува и други прашања од кои повеќето тој не сакал да ги одговори. На крајот и рекол Не знаеш ти ништо, штета што си учителка и погрешно ги учиш децата..

Дојдената учителка била страшно навредена и понижена пред многубројните гости. Сакала да му се освети, па го пријавила целиот случај кај српските власти, клеветејќи дека поп Санде вршел антидржавна пропаганда насекаде каде што ќе стигнел. Веројатно сето ова било и мотив да се изврши одлуката за неговата ликвидација…

(продолжува)

ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ

Recent Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search