Древното Овче Поле во новото време – јуни 2018

 In Текстови

Здраво живо, почитувани читатели. Ви благодарам за досегашниот интерес за објавените книги, научно – истражувачката работа и мистичното Овче Поле. По успешното претставување и прикажување на големиот геоглиф во една од емисиите на History Channel, во текот на оваа година природните богатства и културното наследство на Овчеполието ќе бидат прикажани уште на два светски телевизиски канали.

Работата на огромниот потенцијал со кој што располага Овчеполскиот регион продолжува и оваа година. Првиот тираж на книгата „Имагинариум“ е на крај, останати се уште десетина примероци, интересот за „Зборник за Овче Поле – книга прва“ се зголемува, а веќе објавената „Зборник за Овче Поле – книга втора“ е во подготовка за печатење. Во периодов работам на привршување на „Зборник за Кратово“, неколку сценарија за кратки филмови, сценарио за документарен серијал за Овчеполието, два аматерски документарни филмови и уште неколку книги. Во добро здравје, ќе следува и продолжување на теренското неинвазивно истражување на големиот геоглиф во Овче Поле, како и на неколку други локации во околината. Повеќе информации за Овчеполието можете да прочитате на македонски јазик @ www.ovcepole.info, на англиски @ www.ovcepole.wordpress.com, видеата се достапни на YouTube, a дигиталните изданија на книгите на оваа страница. За повеќе информации и нарачки на „Имагинариум“, „Зборник за Овче Поле – книга прва“ и „Зборник за Овче Поле – книга втора“ можете да испратите порака:

Во следните редови ви овозможувам да ѕирнете во мојата нова книга со работен наслов „Древното Овче Поле во новото време“, која се подготвува за објавување и печатење. По збирката со проза и поезија на македонски јазик, збирката со поезија на англиски, книгата со круг и точка на корицата и неколкуте зборници, ова е книга со раскази за едни двајца дедовци и нивниот внук, дејствието се одвива во 1991 година, а низ разговорите претставени во приказните се открива…

***

Внукот си ја пишуваше домашната задача, а дедото полнеше тетратка со неговиот ситен, неразбирлив ракопис кој повеќе наликуваше на докторски рецепти, отколку на учителски записи. Во малото собиче со низок таван, преполно со книги и црно-бели фотографии од предците, на радиото беше пуштен првиот канал, каде свиреше македонска народна музика.

Ајде, ред се редат, мале,
Кочански сејмени,
Ајде, ќе го барат, мале,
Иљо арамија…

– Што се тоа сејмени, дедо?
– Тоа биле жандармите на турската власт, синко.
– А, кој бил Иљо арамија, што крадел?
– Тој Иљо за кој се пее во песнава бил повеќе од арамија, херој.

Народната песна продолжуваше, опишувајќи како Иљо не бил покрај Крива река, туку чак во Солун, седнал во ладна меана каде пил вино ем ракија и го служила мома Македонка…

– Дедо Иљо Малешевски – учителот ја отвори фиоката вадејќи еден стар тефтер и почна да бара нешто помеѓу страниците.
– Малешевски? Па нели е тоа кај Берово?
– Од таму бил. Голем јунак, последниот македонски ајдутин.
– Ајдутин, арамија – крадец?
– Не синко. Борец за слобода и човечки правдини. Исклучителен војник, чесен човек и голем Македонец. Имал и воени одликувања од неколку армии.
– Епа што значи ајдутин?
– Тоа се нашите народни херои од едно заборавено време…ајдутите биле горски одметници, оставале семејства и домаќинства за да се борат за послабите и да ги напаѓаат посилните. Ги палеле и краделе беговите и агите, одмаздувале неправди нанесени на народот, враќале грабани моми, дури подигнале и неколку востанија…

Песната си свиреше од радиото, продолжувајќи ја приказната за сејмените и дедо Иљо Малешевски. Кога го разбрале клетите шпиони, сејмените ја сардисале ладната меана, па кога видел Иљо арамија почнал да вади бомби и патрони…

– Еве го дедо Иљо Малешевски – рече учителот вадејќи стара фотографија од тефтерот и подавајќи му ја на внукот.
– Страшен…
– Е страшен синко, страшен бил и за тоа време. Од таква фамилија, дури бајракот на дружината го носела сестра му.
– Зошто последниот македонски ајдутин, немало ли такви јунаци после него?
– После неговото време и меѓународните договори на штета на Македонија, народот почнува малку поинаква борба.
– Каде се собирале тие ајдути, дедо?
– Ајдутите од Ѓурѓовден до Митровден биле излезени на борба, се организирале во дружини, на чело на секоја си имале војвода, дружините од еден регион се криеле по ридовите и шумите, се собирале на годишни собори во горите, каде си имале горски цар.
– Ајдутите имале цар? Значи имале свое царство?
– Нивното царство била гората, синко. Гората со спомени од далечното минато. Не биле само борци, туку знаеле многу старински работи. Од Митровден до Ѓурѓовден се повлекувале во старите пештери или кај јатаците.
– Што се тоа јатаци?
– Тоа се луѓе од народот кои им овозможувале на ајдутите скришно место за спиење и храна преку зимата.
– Тука имало ли сејмени, ајдути и јатаци?
– Имало. Многу Овчеполци биле во тие дружини, а знаеме и за наши кои биле со дедо Иљо.
– А зошто од Митровден до Ѓурѓовден?
– Многу сакаш да знаеш. Ја заврши ли домашната?
– Не. Само мажи ли биле ајдути, жените се бореле или носеле бајраци?
– Жените биле големи јунаци во тоа време. Имало една осоговска царица, познатата Румена војвода. Во Овче Поле преку летото доаѓале аргати од соседните краишта за да работат, а доаѓала и Румена. Еднаш ги преплашила сејмените кога и дале да пукне со пушка, стрелала подобро од нив, а на народните собори оро играла поубаво од сите моми. Страшна била Румена…имало и една Сирма војвода, и уште многу жени херои за кои се изгубил споменот.
– Пред колку време било тоа, дедо?
– Пред век и кусур, синко. Ајде, заврши ја домашната и да се качуваме, баба ти нè чека за ручек.

На радиото продолжуваше истиот вид на народна музика, а во песната се пееше – каде се чуло, видело, мома војвода да биде на цела дружина…

***

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text. captcha txt
0

Start typing and press Enter to search