Отворено писмо до Општина Свети Николе и Македонскиот народ во Овче Поле

 In Текстови

Отворено писмо до Општина Свети Николе и Македонскиот народ во Овче Поле

Здраво живо, Овче Поле! Со децении големи делови од Овчеполието се под други општини, а најголемото населено место во големата котлина – Свети Николе низ вековите останало како централна населба во Овчеполската Котлина. Иако природно сме во Брегалничкиот регион, затоа што водите од нашиот крај се слеваат во реката Брегалница, по реорганизацијата на локалната самоуправа на Општина Свети Николе ѝ остана само една кривина од Брегалница, онаа кај големиот ѕид позади Богословец. Огромната енергија која ја создаваат природните ресурси чека да биде разумно употребена, а заедно непроценливото културно наследство со кое што располага регионот имаат потенцијал за развој не само на културата, туку и на повеќе стопански гранки.

Дали и колку луѓето кои што живеат во Овчеполието ги имаат основните услови за живот, ги уживаат човечките права и можат да се надеваат на светла иднина? Тешко…

Сведочиме дека во 18 година од 21 век во градчето Свети Николе начинот, стандардот и квалитетот на живот  е далеку од посакуван за многумина жители. Неуреденоста на јавните површини, избегнувањето на почитување на урбанистичките правила при многу изградби и доградби, честите прекини на струја и вода, отсуството на сериозна поддршка за спортот и културата, проблемите во здравството, огромната невработеност, многуте болести, скапиот пазар, ситуацијата со земјоделието и сточарството, како и веќе неколкудецениската апатија во локалната самоуправа не даваат многу простор за надеж на луѓето кои што живеат во овој регион. Дури и таа апатија некогаш изгледа лажна, ако се земат во предвид сите „надворешни соработници“ кои се на товар на народниот буџет заедно со огромниот број административци. Па така, голем дел од народот се иселува, си одат буквално цели семејства, најчесто затоа што градчето каде што се родиле, пораснале и создале семејство низ годините прераснало во место кое не само што не ги исполнува ни основните човечки услови за живот, туку и упорно е носено по патот на деструкцијата, односно уништувањето, наместо по спротивниот – патот на создавањето. Истовремено, никој никогаш не му кажал на народот за што редовно се трошат неговите пари, како се управува со помошта која стига од државата, колкав е точниот општински долг и на каков начин истиот се раздолжува, камо ли да му покаже желба, волја и знаење не само за раздолжување и стабилизирање на општинските финансии, туку и на развој на целата економија во регионот, намалување на невработеноста и привлекување не само на странски, туку и на домашни инвестиции. Потенцијалот за развој на земјоделие, сточарство, градинарство, трговија, туризам, заедно со природните ресурси и културното наследство го прават градчето Свети Николе центар на регион кој може да прерасне во  вистинска енергетски ефикасна и самоиздржлива населба на 21 век.

„Сето тоа е убаво на муабет, но е невозможно во пракса и личи на некаква Утопија…“. Сите кои се согласни со цитираното прво нека ја прочитаат книгата „Утопија“ од Томас Мор.

Времињата биле такви, што морало да се делува на начини како досегашните и сегашните или пак недостига желба и волја за вистинска промена на подобро, за која што е потребна огромна сила од човечки ресурси, знаење и логистика? Европските фондови ли ќе го олеснат животот во Свети Николе и Овчеполието? Како некој би верувал на такво нешто ако знае како се управува со „малкуте пари“ кои ги има Општината низ изминатите децении? Некои стари луѓе збореа – „ако не знаеш со малку, ич нема да знаеш со многу“. За почеток – имаме доволно ветер, сонце и вода за да Овчеполието се снабдува со енергија, доволно земја за работа и многу луѓе кои се подготвени со своето знаење, умешност и искуство да придонесат за развој на целиот регион. Многумина од иселените или од оние кои сезонски „си го бараат чарето надвор“ би се вратиле, иселувањата ќе се намалат, вработеноста ќе се зголеми, но за тоа треба пристап кон организирањето и управувањето со заедничките ресурси на начин кој што доликува на векот во кој живееме.

Н.Р.

Овче Поле, 11 јули 2018

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text. captcha txt
0

Start typing and press Enter to search