Медно гумно, медно капиште, меден ток, змејско поле – Овче Поле

 In Текстови

Медно гумно, медно капиште, меден ток, змејско поле – Овче Поле

Огромната тумба на земјата отскокнува на хоризонтот, но сепак се ретки човечките очи кои ја забележуваат оваа воодушевувачка градба. Симболот кој е вцртан во неа е видлив само од небо. Привлекувањето на вниманието преку сликата која се гледа од небо беше совршен начин за да се извади на површина човечката алчност за „она што би можело да биде под тумбата“. По повеќе од пола деценија молк, ова е текстот кој по научните трудови обзнанува за постоење на свети простории под земјениот насип во Овче Поле. Потврдата од Управата за заштита на културното наследство дека станува збор за ров оди во прилог на аналогијата употребена од Super Brain Research Group, дека овалните концентрични ровови имаат магиска функција за заштита од злите сили. Светската наука веќе прави споредбени истражувања на курганите од Скитите и гробниците на Македонците околу древната престолнина Бела. Импозантноста на оваа градба воодушевува и предизвикува за уште многу работа во истражувањето на мистичното Овче Поле. Канда – портата преку која доаѓа белата зора, новиот еон, новото Сонце на слободата.

Претходно – Сакралната вредност на мистичното Овче Поле, Имагинариум 2016

Во старите преданија медното, бакарното гумно и другите метални токови и полиња се јавуваат како – бојно поле на змејови и ламји, метално поле на кое се наоѓа софрата на змејовите, место на кое што змејовите ги обработувале благородните метали и вршеле „некои свои, други работи“.

Според тоа што во грчките, словачките и бугарските преданија змејското поле се јавува и како пасиште на змејски овци, може да се смета дека бараното митско поле се е нарекувало не само медно поле, медно гумно, меден ток, но и Овче Поле. Кон таков заклучок нè наведуваат и некои други апокрифни сказанија. Од Видение на Исаија пророкот за последните времиња до сега се пронајдени само два преписи. Едниот, постариот е објавен во 1890 година, а апокрифниот текст од Поп Драголевиот зборник е преобјавен во 1900 година, и двата во изданието Споменик на српската академија. Во тој апокрифен текст на пророчки начин – post eventum, се говори за „последните времиња“.

„…Ќе се дигне еден змеј со сите свои велможи, та ќе дојде во израилската земја и ќе заседне на местото кое го нарекуваат Овче Поле, па ќе ги победи сите околу себе, на сите јазици…“

По пловидбата на реката Таен Рај во Овче Поле и крвопролевањата потоа, змејот ќе се упател кон Цариград, и прочие. Од текстот на Марин Дринов читаме дека змејското бојно поле се нарекувало и големо, гигантско поле, но и меден ток, медно гумно и Овче Поле – со значење бојно поле.

Во една руска редакција од откровението на Методија Патарски се сретнува Овче Поле, со значење – бојно поле…

Споменатото предание од патеписецот Еротеј Рачанин од почетокот на 18 век, за „бакарното гумно кое го направиле Србите кога се враќале од Троја“ и одговорот на истото од Дринов, неколку векови подоцна, дека тоа биле „бугари“ а не „срби“, затоа што „бугари живееле на Овче Поле“, ни говори за важноста на овој митотопоним во историите на соседните држави.

Во пропагандната борба во 19 и 20 век, бакарното гумно станува митотопоним преку кој соседните народи си ја определуваат древноста. Истражувањата на современите историчари покажуваат дека бакарно – медно гумно се употребува за места кои се нарекуваат и бакарни реки, бакарни места, змејски места, капишта – древно светилиште, жртвеник, место со кип, идол, итн. Овие места се и синоним за обвивка со која се чува светоста, преграда, места за обработка и криење на садови за чување на жито, преграда, врата. Според моето истражување, симболиката на медното гумно означува дека тоа е порта преку која се менувале владетели, поредоци, цели ери и епохи, бакарното гумно – капиште е местото каде завршува старото и се обзнанува новото. Па така, во многу книги се забележува „победа над паганите на нивното гумно“, „скриениот сад под медното гумно“, „прободување на гумното со меч“, а во народните песни и преданија тоа е местото каде што играат самовилите, местото каде невидливиот свет се манифестира во видливиот.

„Капиштата пaгански се од сребро и злато, уста имат, но не говорат…“

Руските научници уточниле дека капишта се места на кои древниот род ја славел вишата сила. Биле правени во квадратна, правоаголна, округла или елипсовидна форма, со два концентрични ровови наоколу, со улога за заштита од „надворешните и лоши сили“, а во внатрешниот круг се поставувал кипот, жртвеникот или се вцртувала руната која соодветствувала на силата која била славена. Поголемите храмови и светилишта освен ровови имале и заштитни земјени насипи, понекогаш дури и бедеми. Биле градени на начин преку кој би отсликувале слика на небото во денот кога се славело, со поставеност според четирите страни на светот. Димензиите им се различни во зависност од локацијата (постојат ширум цела Евроазија), и времето во кое се правени. Врз многу од нив се градени цркви и теќиња, што потврдува за светоста на локациите каде што се наоѓаат. Некои се импресивни, со размери кои надминуваат 100 на 50 метри ширина и должина и 50 метри висина. Старите руски кургани и англиските barrows несомнено наликуваат со многу наши локалитети во периодот од раниот неолит, преку антиката, ранохристијанството и средниот век. Тумбите кои ги гледаме низ цела Македонија кријат градови, храмови, гробови, светилишта – свети места, на кои древниот народ ја почитувал големата сила на создавањето. Затоа и нивниот изглед одговара на страните на светот и големата вселена, а во средината каде што се извршувал ритуалот, во дадениот момент на денот поминувала космичката оска.

Гумното на кое играат самовилите, гумното каде слетува змејот за да си земе девојка, гумното каде детето змеј заспива, а неговиот дух оди во етерот да се бори со ламјата, гумното на кое змејот се бори со ламјата, гумното каде детето се запознава со змејот, гумното каде умира ламјата, каде паѓа за последно големата злобна змија, гумното на кое е ослепен свирачот, медното – бакарно гумно, и те како ни припомнува за вечната мудрост, древното рударство и познавањето на обработката на благородните метали, светата наука – алхемија. Митолошката поделба на змејови и ламји како чувари на бериќетот и пакосници кај Македонците е одраз на знаењето со кое нашите древни предци ја надминувале дуалноста. Преданијата, митовите, легендите, песните, танците, приказните и сите тие богатства на нашиот мит и бит ни овозможуваат барем за миг да ѕирнеме како било „таму и некогаш“, за разлика од „тука и сега“. Живеењето во склад со природата и нејзините непишани правила на постоењето е уметност која во ерите на „еволуција“ се изгуби од она што го разбираме како човештво. Долговечноста доаѓала како последица на здравиот начин на живот, исхрана, здравите мисли и чувства кои се негувале кај Македонците, како и поради способноста за обновување на животната сила преку древното знаење за правилата на универзумот.

Во Овче Поле постои една тумба, за која археолозите велат дека била „обичен воен ров“, и покрај определувањето на подземни комори преку напредните архео акустични истражувања на научниот тим на Super Brain Research Group. Пренебрегнувајќи ги и народните песни, преданија и митови, како и научните истражувања од последните двеста години ширум светот, забораваат дека Овчеполието е древен регион каде поминале многу војски и освојувачи, но се задржал исконскиот бит на првичноста на создавањето. Можеби затоа многумина од нив неофицијално велат дека „тумбата била многу голема за да соодветствува на нешто од четвртиот век пред нашата ера“, заборавајќи за огромните „кургани“ во Русија и „тумули“ кои ги градел Александар во чест на најхрабрите воини. Дури и картушите во Египет се опкружени со елипса која го обиколува кажаното во нив. Оние кургани и капишта во кои се пронајдени гробови, а имаат елипсовидна долгнавеста форма и се поставени север југ, при што се „магиски заштитени“ со два ровови, покажуваат дека има ходник во кој се влегува во предворјето, а по него постојат неколку простории, некаде изградени и на различен начин и поставени на различни висини под земјениот насип, а телото на големиот владетел, воин или жрец е поставено во главната одаја, со нозете на исток, а главата на запад.

Привлекувајќи го вниманието на научната јавност преку претставување на овој рид како геоглиф (сосема легитимно, гео – земја, глиф – знак) си ја заврши работата, и по шест години работа за ова свето место и мистичното Овче Поле, дојде времето да се обзнани дека такви древни, „пагански“ храмови постојат во Овче Поле и има огромни индиции таканаречениот геоглиф да е еден од нив. Во прилог на ова одат и добиените резултати од Super Brain Research Group, и покрај одбивањето од македонските институции за завршување на истражувањето преку софистициран гео радар. Постоењето на градби од земјени насипи со две елипси наоколу, со приближно исти димензии како геоглифот во Овче Поле, поставени по должина од север кон југ, со заштитен насип за ходникот кој води во предворјето на одаите се забележува на повеќе места како во Европа, така и во Азија. За волја на вистината, најголемиот број од нив се градени или во времето пред „паганите да бидат покрстени“, или во четвртиот век пред нашата ера, или во некое дамнешно време, за кое денешното човештво едвај има право и да помисли, камо ли да го истражува, проучи, научи, разбере и примени..

За тоа не пишува ниту во една книга, тоа се бабини деветини и стари мудрости…

од Имагинариум – книга втора

Recent Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search