Алхемиската свадба во Овче Поле – како на небото, така и на земјата

 In Текстови

Митотопонимот Овче Поле од памтивек обзнанувал дека на небото има само еден господар, што е потврдено од историските податоци за многуте промени на власта, токму на Овче Поле.

Митотопонимот Овче Поле кореспондира со протообразот на сакралниот центар – Ерусалим, за што ни говорат и Овчите порти во Евангелието по Јован. Пред времињата на Исус, во Овче Поле владееле Пеонците, од кои е и Асклепиј, а за Пеон древните автори напишале и дека е „лекарот на боговите“.

Времето од годината кога ноќта е најдолга, а денот најкраток, кај многу народи предизвикувало верувања за „другата страна“. Кај нас, народот верува дека во дванаесетте „погани“ дни преградата меѓу световите е спуштена и кај луѓето доаѓаат битијата од другата страна. Обратно на тоа, јунаците кои ги прават ритуалите во зимата заминуваат на другиот свет, кај мртвите предци, што е забележано и во старите песни, кога остануваат „сами во волчји ноќи“. Другиот свет е зад река или во долна земја и до него стигаат преобразени во птици, преку некој мост или со кораб, откако ќе отсечат „некое зелено дрво“ и прочие. Истите со своите игри, песни, танци, инструменти, ѕвонци, клопотарци ги бркале нечистите сили од земјата. Овие посветени во „некрстените“ денови правеле ритуал преку кој патувале во светот на нивните прадедовци. Кога се враќаат, не само што се живи и здрави – „живи воскреснати“, туку и доаѓаат со знаење кое овозможува зголемување на бериќетот. Затоа за нив народот пее дека носат добри вести. Во старите песни и преданија често доаѓаат од Долна Земја – Овче Поле, каде нивните стада се намножиле, а посаканото се остварило. Во таа долна земја го гледаат и Младото Сонце, кое го „изгубила мајка му“, која го пронаоѓа откако тие ќе и кажат дека го виделе на Овче Поле. Истите тие ја подготвуваат земјата за садење во зимата, кога Младото Сонце се враќа на земјата, односно денот станува поголем од ноќта.

Во народните песни и ѕвезденото небо е загатнато како „Овче Поле“, па ако го земеме во предвид карактеристичниот принцип за митологијата „како горе – така и долу“, можеме да заклучиме дека сликата на овчото стадо ја кодирала огледално – негативната проекција на ѕвезденото небо во период во кој оската на светот се разбира како определен пат. Митопоетската слика ги содржи и вертикалниот и хоризонталниот космолошки модел. Трансформацијата на насоките се остварува преку функциите на подземната река, која ги превзела функциите на митолошката „света, тајна“ река…

Астралниот код во народните песни и преданија се препознава преку набљудување на движењето на небесните тела на ноќното небо. Во различни периоди од годината, според верувањата во некои села, неколку соѕвездија се сезонски „замени“ на Северница во улогата и на златен стожер, а „медното гумно“ и Овче Поле се двата основни топоними кои ја отсликуваат сликата од небото на земјата. Култот на Свети Никола во Овче Поле ни дава можност да погледнеме дури и во предхристијанските верувања во овој регион. Ниската надморска височина и можноста да се набљудува ноќното небо од посебен агол давале увиди во древните знаења на народот кој од памтивек живеел во Овче Поле. Па не за џабе Никола е Кољо, го означува колото – кругот на движењето на земјата околу сонцето.

Препознавањето на правилата на природата и кодот на создавањето овозможувало народот кој живеел овде да битисува според вечните природни правила, затоа што го имал правото да ги користи благодетите од таткото небо и мајката земја.

Алхемиската свадба во државното управување – венчањето на владетелот со „светата држава“ во многу наврати се случувало токму на Овче Поле. Требало Светото Знаење да се венча со Владетелот, да се венча Државата со Водачот, Земјата со Небото.

(извадок од ИМАГИНАРИУМ – книга втора)

Никола Ристевски

22 03 2017

Овче Поле

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search