Шлемот на Александар Македонски, Мерцедес и успехот на еден Македонец (интервју)

 In Интервјуа

Здраво живо Славче. Благодарам за овозможената прилика за интервју.

– Кој е Славче Таневски, каде пораснал и каде се образувал?

Еден од дванаесетте креатори на надворешниот изглед на автомобилите на Мерцедес. Мојата емоција ја пренесувам во формите на автомобилите. Роден сум во Свети Николе, пораснат во Скопје, а стручното образование го стекнав во Минхен на Факултетот за Дизајн.

– Како стигна таму каде што си сега?

Како што спомнав, првата станица ми беше Минхен. Во 2007 се запишав на Факултетот за Дизајн. Вакви школи има само 7 во светот. Германија ја одбрав поради развиената автомобилска индустрија и најповолните услови за студирање. Студиите ми беа практички ориентирани и цело време добивавме менторство од дизајнери од Ауди, БМВ, Мерцедес, Порше, Ламборгини…

Во третиот семестар почнав да работам за БМВ како дизајнер, а по 9 месечниот ангажман заминав на пракса во Мерцедес. Многу брзо потоа ми беше понудено работно место и поддршка при изработката на мојата дипломска работа. Од 2011 сум еден од 12 професионални дизајнери задолжени за надворешниот изглед на Мерцедес возилата. Патот до целта беше тежок и бараше доста трпение. Меѓутоа големата желба, макотрпната работа, страста за автомобилите и креирањето нешто ново ме донесе до ова што сум денес.

– На еден од твоите дизајни може да се забележи симболика од Александар Македонски. Кажи ни нешто повеќе за тоа?

Пресвртницата кај секој студент за дизајн е неговата дипломска работа. Од неа зависи дали ќе добие работно место или не. Дипломската е сублимент на целата креативност и стручно познавање на студентот. Според мене и олицетворение на тоа што носите во себе духовно. Показател на тоа како го гледате светот во иднина, но во синергија со минатото. Спојување на суштина и форма. Еден вид безвременска химна но и свеж хит истовремено. Стремеж кон култ, кон евергрин.

Знаев дека морам да работам со суперлативи и сакав да дадам што е можно повеќе од себе. Да ја оформам душата и она што го носам во себе во една скулптура.

Доколку ја анализирате Мерцедес Ариа, ќе ги забележите динамичните форми на разлеана коса на страничниот дел од автомобилот. Ентериерот е инспириран од музички инструменти; начинот на отварање на вратите од лебедови крила. Доста елегантни и емотивни супстрати кои му прилегаат на еден Мерцедес, но и на мојот карактер.

Предниот дел на автомобилот освен што го дава идентитетот на брендот, треба да делува силно, авторитативно и заштитнички. Тука се вклопија формите на шлемот на Александар Македонски. Сакав да го направам впечатлив тој мост помеѓу мојата култура и модерното.

Доаѓаш ли во родниот крај и дали неговата култура и природа те инспирираат?

Секако. Мислам дека ние што го поминуваме поголемиот дел од животот во странство (веќе 11та година) имаме посебна емоција кон тоа што значи Македонија, Македонска култура, Македонска песна итн. Се обидувам да доаѓам што е можно почесто. Во годината сум 6-7 пати таму, се на се ¼ од времето сум во Македонија. Едноставно некогаш сакате да ги доживеете по втор пат некои моменти кои ви се мили. Тоа ме прави среќен и инспириран, ми претставува некој вид духовна храна.

Знаете, човекот духовно се развива во своите рани години, додека е дете, додека оди во основно училиште. Тоа што го доживува тогаш има најголем импакт врз него. Цртаните што сум ги гледал, архитектурата што сум ја доживувал на прошетките со моите родители, играчките со кои сум си играл делуваат на моето чувство за естетика. Воспитувањето делува на дисциплината како се однесувам како професионалец. Македонските Народни Приказни, Бушава азбука, историјата за која сум учел во училиште влијаеле да си ја сакам Македонската култура, јазик, ме направиле патриот.

– Што може Македонија да научи од младите професионалци кои се во странство?

Може да биде горда. Се потврдува дека имаме успешни луѓе во многу области. Покажува дека не сме некое племе, туку може да се натпреваруваме на светско ниво. Успешните приказни треда да инспирираат и да поттикнат многу млади луѓе на успех.

– На какво мнение си за моменталната ситуација во која што е заробен Македонскиот народ?

Во прашањето имате пола од одговорот. Целата нација е заложник на едно зло од најлош вид-уништување, односно на сила наметнато самоуништување. Се надевам Македонците ќе се изборат за сопственото цивилизациско право на постоење и ќе го бојкотираат секое прашање кое значи самопогазување и обесчестување.

– Што би им порачал на нашите читатели?

Да не потклекнуваат на никакви притисоци поврзани со актуелната состојба. Да го одбранат она што ни е свое и да бидат горди на тоа што се – Македонци. #бојкотирам

Во однос на кариерата или личниот успех, да бидат храбри и одлучни за тоа што го сакаат. Да работат на случајот со љубов и посветеност.

– Дали некогаш би се вратил за да живееш постојано во Македонија?

Прво специфичната професија не ми го дозволува тоа. Мислам дека сум покорисен како професионалец а и како претставник на Македонската култура во странство отколку во Македонија. Иако имам многу мили луѓе во Македонија, мислам дека моето битисување во странство има поголема смисла, барем засега.

Сполај ти. Ти посакувам успех на приватен и професионален план и во добро здравје, еден ден заедно ќе прошетаме низ родното Овчеполие. Само напред!

Recent Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text. captcha txt
0

Start typing and press Enter to search