Кучешки денови

 In Текстови

Кучешки денови

од книгата „Имагинариум

Се наоѓаме во периодот од годината кога температурите се највисоки, а жештината дури е опасна по човечкото здравје. Ова е оној дел од летото кога сончевите зраци светат најсилно и ја печат не само земјата, туку и луѓето. Деновите кога температурите се највисоки, во светот се познати и како кучешки денови (canicular dies). Постојат верувања дека кучешките денови го добиле името според тоа што времето не им одговара ниту на кучињата, односно жештината ги полудува. Овие фолклорни етимологии се само надополнување на вистинската позадина на оваа фраза, која претставува една приказна од небесниот свод.

Кучешките денови се однесуваат на интервалот од месец до два, во кој една особено светла ѕвезда изгрева и заоѓа заедно со Сонцето, а останува скриена додека е ноќ. Таа ѕвезда е Сириус, Кучешката ѕвезда, Волкот на небото, Верното куче на Орион, Ѕвездата на Изида, или Alpha Canis Majoris. Древните народи верувале дека оваа ѕвезда е одговорна за неподносливите жештини во текот на летото, а фразата кучешки денови се користи веќе неколку милениуми.

 Најстари споменувања на кучешката ѕвезда се од поетот Хесиод, во седмиот век пред нашата ера. Името Сириус го означува силното блескање и невообичаената светлина на оваа ѕвезда. Кучешките денови се споменуваат од Аристотел, но и од повеќе астрономи од антиката. Во древен Египет, појавувањето на небесната комбинација помеѓу Сириус и Сонцето од утро до мрак, било знак дека надоаѓаат деновите на Нил и реката ќе почне да се излива од своето корито. Во овој период се славела и египетската нова година. Во денешната астрологија, во овој период е преминот од Рак во Лав, а во христијанските календари – празникот на Свети Илија. Ѕвездата Сириус била позната како ѕвезда на Изида, но и како верно куче на Орион. Интересно е дека растојанието од оваа ѕвезда до Трите Крала, или на санскрит – Исус Три Канда, е скоро еднакво со тоа од појасот на Орион до Алдебаран – окото на Бикот. По скоро период кога не се гледаат на небесниот свод, Орион и Сириус повторно се појавуваат на небото. Верувањето дека Сириус, како „сонце позади сонцето“, со својата светлина е причина за зголемените температури, илјадници години се провлекува низ колективната меморија на човештвото.

Сириус има важна улога и во космогонијата на древните народи од Африка, Северна и Јужна Америка. Повторното појавување на Сириус на небото во овој период од годината имало влијание и врз поставеноста на градот Александрија и светилникот од Фарос. Зороастрианизмот за Сириус верува дека ги носи грмотевиците и дождовите. Во древната кинеска митологија е небесен волк, а во Илијадата се споменува како верното куче на Орион. Во Куранот е запишан како моќна ѕвезда.

Поради поместувањето на поставеноста на ѕвездите од наша гледна точка и прецесиите, секоја година оваа небесна комбинација помеѓу Сонцето и Сириус од утро до мрак почнува и завршува на различни датуми. Сепак, кога се заедно на небото во текот на денот, на земјата навистина температурите се највисоки.

(2015)

 

Recommended Posts

Leave a Comment

Contact

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search